Исламофобијата и глобалниот џихад

Оние што се одговорни за безбедноста на државата и за професијата новинарство, одговорија на „заговорот“ дека: муслиман не краде за себе, тој краде „за каузата“, барем додека не се докаже поинаку. Идејата е дека постои глобален џихад, т.е. муслиманите да се движат како маса за заедничка цел. Притоа, постои и размислување дека различни муслимански заедници ширум светот кријат терористички гнезда и јазли. Ова, во одредена мера ги одредува и постапките на политичката и судската власт и го детерминира сегашниот поглед на реалноста. „Судирот на цивилизациите“ не само што претставува столб на меѓународната геополитика од 11 септември 2001 година, туку и столб на свеста за реалноста кај мнозинството од населението, како и кај неговите лидери и креатори на мислења. Станува збор за начин на гледање и размислување за настани во кои стравот, информацијата и пропагандата се измешани и конфузни и речиси е невозможно истите меѓусебно да се разликуваат и разграничат.

Овој екстракт доаѓа од книгата „Растрос де Диксан“ објавена во 2009 година. Главната цел на книгата е да се истакне „вмешаноста” на полицијата во задржувањето на единаесет лица по терористичкиот напад во Мадрид во 2004 година. Имено, единаесет лица требаше да ја докажат својата невиност, додека вообичаено, обвинителството треба да ги докаже нивните обвиненија. Сите единаесет лица, подоцна се депортирани. Она што оваа книга настојува да го потенцира е дека кога станува збор за терористички напади, исламофобијата - т.е. стравот и омразата против муслиманите - игра важна улога дури и во рамките на судскиот систем. Борбата против „глобалниот џихад“ во рамките на логиката на Војната против теророт, ја одбележа политичката агенда од 11 септември 2001 година.

Што знаете за исламофобијата? Дали некогаш сте слушнале за овој облик на дискриминација? Дали некогаш сте го доживеале или знаете некој што го доживеал?